Со минирање кај селото Дебреше идната недела „Бехтел и Енка“ почнува со градежни активности, дознава А1он. Според информациите до кои дојдовме, урбанистичките проекти веќе се при крај, а проектирањето е почнато. Завршени се и елаборатите за експропријација, а градењето ќе почне токму од најкомплицираната делница, Гостивар-Букојчани. Оваа делница ќе значи и заобиколување на Гостивар, а ќе се избегне и искачувањето до Стража.
Наскоро ќе се почне со градежни активности и на единствената делница на коридорот 10д, Прилеп-Битола, чија очекувана должина е околу 39,3 километри. На оваа делница, според информациите до кои дојде А1он ќе има различни градежни зафати. Почетната точка на делницата – делот каде што се дели патот кон влезот на Прилеп и делот кој води кон Битола ќе биде целосно нова и ќе служи како обиколница на Прилеп со нов влез кон градот, а кон средината на патот ќе се спои со веќе постоечкиот дел кој ќе биде проширен.
Досега за „Бехтел и Енка“ од државната каса се одлеани 174,5 милиони евра, преку четири трансакции. Конзорциумот веќе има отворено подружници во Македонија: „БЕХТЕЛ ЕНКА УК 2 ЛИМИТЕД Обединето Кралство – Подружница во Северна Македонија“, основана во јануари 2022 година и „БЕХТЕЛ ЕНКА УК ЛИМИТЕД Обединето Кралство – Подружница во Северна Македонија“, основана во август 2022 година, но и двете се без контакт телефон и мејл, само со адреса во центарот на Скопје. На двете подружници, сопственик е „БЕХТЕЛ ЕНКА УК 2 ЛИМИТЕД“, британската фирма, сопственост на американско-турскиот конзорциум.
И додека се чека на почетокот на изградбата, ниту антикорупционерите, ниту обвинителството на Ислам Абази немаат завршено со разгледување на договорот вреден 1,3 милијарди евра. Од Антикорупциската комисија за А1он велат дека се уште се разгледува договорот напишан на околу 400 страници. Обвинителството за организиран криминал пак, ќе сподели информации само ако има нешто што треба да се каже на јавноста, која пак очекува став, дали обвинителите нашле елементи за да се отвори предмет во договореното на државата со Бехтел и Енка.