По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата, утре, граѓанската асоцијација МОСТ ќе организира отворени настани во пет градови низ земјава на кои заинтересираните млади ќе можат да се информираат за предностите кои ги носи граѓанскиот активизам.
Преку промоција на кампањата „Вклучи се, ако си исклучен!“, младите ќе можат да се запознаат со своите демократски права и можности во општеството во кое што живеат.
Во Скопје, активностите во организација на граѓанската асоцијација, ќе се одржат во Луна паркот со почеток во 11 часот, во Тетово пред пицеријата „Форум“ од 13.30 часот, во Охрид пред Чинарот во 18 часот, во Прилеп на главниот плоштад со почеток во 12 часот и во Гевгелија пунктот на МОСТ ќе биде поставен пред маркетот „Тедико“ со почеток во 17 часот.
Кампањата на МОСТ се спроведува како последица на непознавањето на младите гласачи за теми поврзани со изборите, како и нискиот степен на нивно учество во демократските процеси.
Проектот посочува и на недостатоците во формалното образование за соодветно информирање на младите гласачи. Во таа насока активностите имаат за цел да го зајакнат капациетот на младите преку промоција на нивните права и слободи поврзани со изборите.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права.