Поранешната олимписка лизгачка Александра Пол загина во сообраќајна несреќа во Канада, додека во автомобилот бил и нејзиниот син. Таа имаше само 31 година.
Александра била во едно од седумте возила во кои удрил камион кој излегол од контрола и поминал низ градежна зона во градот Мелантон.
Камионот наводно не успеал навреме да забави пред да удри во низа автомобили, објави канадскиот печат.
10-месечниот син на Александра, кој бил на задното седиште на автомобилот, за чудо ја преживеал несреќата и со повреди кои не се опасни по живот, бил пренесен во блиската болница.
Александра почина на местото на настанот.
Во несреќата се повредени уште три лица, меѓу кои и 67-годишна жена која со тешки повреди со хеликоптер била пренесена во болница.
Против возачот на камионот засега не е покренато обвинение.
Александра ја претставуваше Канада со нејзиниот партнер и сопруг Мичел Ислам на Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година, каде што се пласираа на 18-то место во мешан танц на мраз.
Заедно со лизгање почнаа во 2009 година.
Тие се пензионираа во 2016 година откако освоија бронзен медал на натпреварот во Америка.
Тие се венчаа во 2021 година, а во 2022 година го добија синот Чарли.