Најмалку седум лица се повредени во пукање за време на парада на Карибите во бостонскиот кварт Дорчестер, соопшти денеска полицијата. Жртвите биле пренесени во локалните болници со повреди кои не се опасни по живот, а неколку лица се уапсени и пронајдено е огнено оружје, изјави наредникот на бостонската полиција Џон Бојл.
Пукањето се случило за време на парадата Жувер, која е дел од карневалот на градот. Полицијата соопшти дека извештаите за пукањето почнале да доаѓаат околу 7:45 часот по локално време.
„Денешното масовно пукање ја нагласува кризата со оруженото насилство со која се соочуваме. Ова е вонредна состојба за јавно здравје и јавна безбедност“, рече претседателот на Градскиот совет на Бостон, Ед Флин.
Пукањето се случи на почетокот на прославата на 50-годишнината од карневалската парада во Бостон. Градоначалничката Мишел Ву требаше да учествува на церемонијата на сечење лента. Годишните прослави беа нарушени со насилство во претходните години, објави Бостон Глоуб.
Доун Џафиер (26) беше застрелана во главата и убиена во 2014 година кога беше фатена во вкрстен оган од банда. Во 2015 година, еден човек беше убиен во пукање пред прославата на Жувер. Минатата година еден човек беше застрелан и повреден по парадата.