Грчката противпожарна служба уапси двајца мажи за наводно подметнување пожар додека стотици пожарникари продолжуваат да се борат со пожарот што беснее низ целата земја.
Досега во пожарите загинаа 21 лице.
Еден човек е уапсен на Евија за наводно намерно запалување на исушената трева во областа Каристос на островот, а тој, во меѓувреме, признал дека подметнал уште четири пожари во таа област во јули и август, пренесува АП.
Уште едно лице е уапсено во областа Лариса во централна Грција, исто така за наводно намерно палење на исушена трева.
Официјални лица рекоа дека подметнувањето пожар предизвикало неколку пожари во Грција во текот на изминатата недела, иако сè уште не е јасно што ги предизвикало најголемите пожари во земјата.
„Некои пиромани палат пожари, загрозуваат шуми, имот и пред се човечки животи. Правите злосторство против државата. Ќе ве најдеме. Ќе одговарате“, изјави грчкиот министер за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикилијас.
Грција минатата недела беше погодена од голем број пожари, а само во петокот беа изгаснати 111 пожари, од кои 59 избувнаа во 24 часа меѓу четвртокот и петокот.