Бугарскиот претседател Румен Радев денеска одби да донесе указ за разрешување на главниот секретар во МВР, Петар Тодоров.
Во соопштението се наведува дека разрешувањето на главниот секретар на МВР во овој момент ќе служи само за лични интереси, а не за јавноста.
„Мотивите за предлогот за смена на Петар Тодоров од функцијата главен секретар на МВР се целосно политички и претставуваат продолжување на целосната чистка во оваа институција. Аргументите за неорганизираност и контрола врз работата на МВР се во остра контраст со извештаите за работата на МВР за 2022 година и првата половина на 2023 година на самото МВР“, се наведува во соопштението.
Тодоров на функцијата главен секретар беше именуван од претседателот на 5 август 2021 година, на предлог на кабинетот на поранешниот премиер Стефан Јанев.
Неговото разрешување го побара премиерот Николај Денков минатиот петок, по пријавите за зголемен број тешки кривични дела, меѓу кои и убиството на Алексеј Петров.
Министерот за внатрешни работи Калин Стојанов минатата среда изјави дека главниот секретар на МВР е одговорен за неорганизираноста и контролата врз активностите во МВР, што е директно поврзано со смртта на шестмина вработени при вршење службени должности.
Тодоров и неговиот заменик Станимир Станев поднесоа оставки на 22 ноември 2022 година, по инцидентот во кој полицаец беше тешко повреден, а подоцна загина при обид да приведе мигранти.
Но, претседателот Румен Радев не ја прифати неговата оставка.