Жителите на Крњево се задоволни. Конечно по неколку години се исчистени депониите од пред нивните куќи и дворови. Нема веќе смет, шприцеви, игли, остатоци од мебел и покуќнина.
Само пред месец и половина граѓаните му се пожалија на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски на неподносливите услови за живеење.
Механизацијата исфрли од овде 2.000 метри кубни ѓубре.
Денеска со задоволство констатираа дека Жерновски го одржал ветувањето да се расчисти околината. Сега, им вети градоначалникот, местото ќе се огради, ќе има тревник, клупи и справи за забава за децата. На плоштадот ќе се направи летниковец.
Ќе се обноват и изградат нови пешачки патеки, ќе се постави и ограда кон булеварот, а се разгледуваат и можностите за спортска урбана опрема и спортски игралишта.
Жителите на Крњево, кои велат дека сега се чувствуваат како жители на Центар, а не некоја приградска населба, ветија дека сами ќе се грижат за зеленилото и чистотата.
Од фотографиите се гледа како изгледаше Крњево пред два месеци, а каква е сликата денес.
Петар Клинчарски