Во текот на изминатата недела, Москва испрати десетици проектили кон западна Украина, гаѓајќи ги воздушните бази, воздушните патеки и центрите за обука на пилоти кои се наоѓаат на илјадници километри од линијата на фронтот. Украинските власти објавија дека Украина била погодена со 28 крстосувачки ракети само минатиот вторник, од кои 16 биле пресретнати.
Упатените тврдат дека веќе неколку недели трае кампањата за уништување на украинските аеродроми и флотата бомбардери кои се користат за испалување на британските бомби Storm Shadow и француските Scalp. Украинскиот метод за избегнување на уништувањето е со поместување на клучните оружја и пилоти, кои постојано се движат меѓу десетици домашни воздушни бази и комерцијални аеродроми.
„Не е ни чудо што се обидуваат да ги елиминираат. Им предизвикуваат многу главоболки“, коментира Јурис Игнат, портпарол на украинските воздухопловни сили.
Долгиот дострел на западните ракети одигра значајна улога во украинската контраофанзива и скромниот напредок.
„Русија нема друг метод против западните ракети освен да се обиде да ги уништи воздушните писти“, смета Валери Кондратиук, поранешен шеф на украинската воена и контраразузнавачка служба.
Германија и САД се претпазливи да испратат артилерија со долг дострел, бидејќи стравуваат од ескалација на конфликтот, особено затоа што француското и британското оружје се користат за напади на руска територија. На почетокот Украина се снаоѓаше со советскиот арсенал, како што се С300 и Буков, благодарение на кои Русите не доминираа на небото. Затоа Русија стрела со ракети од Русија и од полуостровот Крим.
Системите за воздушна одбрана што ги користи НАТО веќе се испратени во Украина од западните сојузници. Тие вклучуваат американски патриоти, американски и норвешки NASAMS и германски Iris-Ts. Овие системи помагаат да се заштити украинското небо. Сепак, Игнат забележува дека се потребни повеќе системи за заштита на воздушните бази, како и друга воена и цивилна инфраструктура.
Јуриј Сак, советник на украинскиот министер за одбрана, потврди дека Русија ги интензивирала нападите врз воздушните бази и повторно го повика Западот да испрати „повеќе системи за противвоздушна одбрана“ во Киев. Руските напади се случуваат секојдневно, а Украинците сакаат нова опрема за да ја поттикнат нивната контраофанзива.