Албанската полиција соопшти дека во последните 24 часа уапсила четири лица поради предизвикување пожари.
Војници и пожарникари се распоредени во крајбрежните туристички области за да се борат со ширењето на пожарот.
Многу земјоделци во Албанија запалија полиња за да ги исчистат стрништата, плевелот и отпадот пред да засадат нов род. Во јули, Албанија идентификуваше и обвини 14 лица за подметнување пожар, пренесува Ројтерс.
Двајца фармери се уапсени за подметнување пожар во близина на туристичкото село Кепаро, оставајќи десетици хектари изгорени и загрозени куќи и насади со маслинки. Полицијата објави снимка од дрон на која двајца полицајци трчаат по еден од мажите на ридот и на крајот го апсат.
Албанската армија соопшти дека испратила 40 војници да им помогнат на локалните власти во гаснењето на пожарот. Пожар од големи размери избувна во близина на туристичкото место Химара, каде што беа испратени припадници на полицијата, а во гаснењето учествуваше и хеликоптер.
Полицијата соопшти дека две лица во источниот град Елбасан, исто така, биле уапсени за запалено земјиште откако пожарот излегол од контрола и се проширил во други области. Полицијата апелира до граѓаните „во никој случај да не палат оган бидејќи тоа е кривично дело и казниво со закон“.
Албанското Министерство за одбрана соопшти дека во првите две недели од август биле пријавени 95 пожари. Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека палењето шуми е варварско злосторство кое мора безмилосно да се казни.