Пилот на „Јунајтед ерлајнс“ е обвинет за бизарен напад на почетокот на овој месец, во кој употребил секира за да удира во рампата на паркингот за вработените на меѓународниот аеродром во Денвер, предизвикувајќи штета од околу 700 долари. Полицијата вели дека пилотот е Кенет Хендерсон Џонс.
Видеото од инцидентот од 2-ри август, објавено од CBS, го прикажува 63-годишниот пилот вооружен со секира. На видеото може да се види како 23 пати удира во рампата додека конечно не ја срушил. Потоа неколку минути се расправа со вработен од аеродромот кој видел што се случило и се обидел да му ја одземе секирата.
Џонс сега е обвинет за прекршок и треба да се појави на суд на 25 септември.
Јунајтед ерлајнс објави дека Џонс е отстранет од распоредот и е на одмор во очекување на внатрешна истрага.
Според полицискиот извештај, Џонс рекол дека се обидува да излезе, но шест други автомобили биле наредени на секоја од трите излезни рампи. Џонс, вели тој, се обидувал да го реши проблемот „за сите што чекаат“.