Интервју со претседателот на Општинската организација на СДСМ Кочани, Сашко Костов за сајтот sdsm.org.mk
Кои се вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ?
Костов: Изборот за претседател на Општинската организација на СДСМ во Кочани е голема чест за мене, но и обврска во целост да се посветам на следниве приоритети:
– Почитување на демократските стандарди и статутарните одредби при донесување на одлуките;
– Единство и висок степен на сплотеност и соработка помеѓу носителите на функции во Општинската организација на СДСМ Кочани, но и помеѓу нив и членовите на партијата како и помеѓу самите членови;
– Подобрување на организацијата на месните одбори од руралните, селските средини каде СДСМ константно на изборите е со негативен резултат;
– Подобрување на медиумска застапеност преку држење на прес конференции за актуелни теми, како и во форма на рекламирање на партијата;
– Формирање и активно работење на партискиот совет во кои ќе членуваат поранешни носители на високи партиски функции;
– Формирање и активно работење на клубот на стопанственици;
– Редовна работа на правниот комитет во функција на ОО но и во функција на членовите и симпатизерите на партија преку давање на правна помош;
– Донесување на план на активности за следниот месец;
– Соработка со целни групи (земјоделци, пензионери, стечајци, невработени, НВО, ловџии, борци, инвалиди, планинари, спортски друштва, еколози и сл.)
– Општинската канцеларија на ОО на СДСМ Кочани да работи од 11 до 21 часот;
– Реевиденција на членството;
– Избор на Претседатели и секретаријати на месните одбори;
– Активирање на целокупното членство преку тивка кампања, со цел кршење на стравот кај граѓаните од актуелната власт, преку водење на разговор и позитивно афирмирање на СДСМ;
– Привлекување нови членови во партијата и нивно запознавање со темелните вредности и начела, организационо структурната поставеност на СДСМ и обука за истите;
Претходно наведените приоритети верувам дека ќе не доведат до основната цел на претседателските и евентуалните предвремени парламентарни избори по неколку изборни порази конечно да се оствари долго очекуваната и посакувана победа.
Кои се вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ?
Костов: Меѓу првите активности како новоизбран претседател на ОО на СДСМ – Кочани ќе се посветам на следните активности:
– Медиумско претставување на новиот претседател на ОО на СДСМ Кочани на локалните медиуми. На барање на локалните телевизии досега се реализирани интервјуа на ТВ К8 и на Телевизија Кочани;
– Формирање на органите на партијата согласно статутарните одредби;
Заради формирање на извршниот одбор на СДСМ Кочани, непосредно по именувањето за претседател на Општинската организација беа остварени неколку работни средби како со лицата кои беа предложени од месните одбори за членови на новиот извршен одбор така и со членовите на кадровската комисија на Општинската организација на СДСМ во Кочани се со цел да се создаде квалитетен но и афирмиран извршен одбор кои со заедничка и единствена работа ќе даде голем придонес во остварувањето на целта-победа на следните избори.
Формиран е и Совет на партијата во чија работа ќе можат да уќествуваат сите поранешни носители на високи партиски функции во Општинската организација на СДСМ во Кочани.
– Состанок со работните тела во рамки на Општинската организација на СДСМ;
Одржан е состанок на комисијата за образование на која се разговараше на актуелни теми во врска со почетокот на новата учебна година.
Понатаму, одржан е и состанок со советничката група на која се договри начинот на кој ќе се врши кординацијата со претседателот на Општинската организација пред секоја седница на советот на општина Кочани и на состанокот е извршена и кординација за седницата на Советот на општина Кочани.
Претходно наведените активности се само мал дел од досега преземени активности и од проектите и активностите кои ќе се преземат во наредниот период.
Кој проблем според вас е најгорлив во вашата општина и како би го решиле?
Костов: Најгорлив проблем во општина Кочани е недоволниот економски развој-недоволно инвестирање, поради што има голема невработеност која води до масовно напуштање на родниот крај.
Решението на овој проблем за краток временски период е тешко остварливо но нужно е да се постават основите за да може на подолг временски период да се почуствуваат промени на ваквата состојба. Сметам дека за решавање на овој проблем е нужно да се посвети еднакво ако не и поголемо внимание на домашните инвеститори во однос на странските инвеститори кои за жал на територијата на нашата општина до денес нема ниту еден. Според мене потребно е пред се и на домашните инвеститори да им се овозможи да ги имаат сите поволности кои ги имаат странските инвеститори и тоа како во поглед на стекнувањето на право на соственост на земјиште под повластени услови така и во поглед на сите другите права кои им се даваат на странските инвеститори под повластени услови.
Сметам дека во однос на домашните инвеститори треба да се оди дури и чекор напред така што нужно ќе биде да се размисли околу идејата за еден вид на субвенционирање на домашните стопанственици и тоа субвенционирање да се одвива по разни основи. Бидејќи економската состојбата во нашата општина е значително влошена и слободно можам да кажам дека е најзагрижувачка во цела источна Македонија, идната влада на СДСМ ќе се заложи за директна поддршка од страна на Владата на стопанствениците кои ќе изразат желба да инвестираат во стопанството на нашата општина.
Директната поддршка ќе се остварува преку разни форми, почнувајќи од јавно-приватното партнерство па дури до давање на кредити од страна на владата на стопанствениците под повластени услови но со сигурни и лесно наплатливи гаранции кои сепак би го заштителе државниот имот.
Покрај ова потребно е и дирекно учество на Владата во капитални објекти кои се предвидени за градба во нашата општина како што е браната Речани, која доколку веќе беше започната со градба, покрај другите ефекти како што е снабдување на нашата општина со чиста вода за пиење, би придонела и за економско придвижување на постоечките стопански субјекти, како и основање на нови.
Посебно сакам да истакнам дека загрижувачка е состојбата со правата и на работниците кои покрај тоа што работат за скромна-мала плата поголем дел од нив не се ниту со регулиран статус односно не се пријавени кај работодавците како вработени туку истите работат на црно. Овој дел од проблемот сметам дека е најлесно решлив и тоа преку многу поголема ефикасност и многу поголемо залагање на трудовите инспектори, кои во изминатиот период со благослов на власт придонесуваат за грубо кршење на правата на работниците.