Шест лица загинаа при уривање на мал авион во Кананаскис, планински регион во Канада.
Авионот со пет патници и пилот полетал од аеродромот Спрингбенк во Калгари во петокот вечерта, во близина на границата со САД, соопштија канадските власти.
Контактот со авионот на пат кон Британска Колумбија бил изгубен по 21 часот по локално време.
Набргу откако било пријавено дека авионот е исчезнат, кралските канадски воздухопловни сили го лоцираа местото на несреќата.
„Извлекувањето на телата на пилотот и патниците беше голем предизвик поради тешкиот терен. Сепак, сите шест тела беа успешно извлечени“, рече официјалниот претставник.
Истрагата ќе ги покаже причините за несреќата.