За денеска во рамки на Фестивалот „Охридско лето“ на понуда се две интересни содржини – во музичкиот дел пијано рецитал на германскиот пијанист Франк Дупре и во драмскиот дел театарската претстава „Ана Каренина“ во изведба на Новосадскиот театар.
Пијанистот Франк Дупре е добитник на наградата „Опус Класикс“ за снимка на годината во категоријата Концерти во 2018 година и лауреат на Германскиот натпревар за музичари во 2014 година. Дупре ги воодушевува жириата со неговата музичка зрелост, рафинирана техника и можност да создаде широк спектар на бои од пијаното. Првично едуциран како џез перкусионист, Дупре има „широки видици“ во пијанистичкиот репертоар, со особен интерес кон современата и музиката на актуелните композитори на нашето време. Неговите скорешни и идни ангажмани вклучуваат соработка со фестивалот „Курт Вајл“ каде е резидентен уметник, деби со Ројал Нордерн Симфонија во Њукасл, со Симфонискиот оркестар во Трондхајм и со Симфонискиот оркестар на Лихтенштајн. Ќе се врати на сцените на „Вигмор Хол“, „Бозар“ во Брисел, и ќе продолжи да соработува со Филхармонијата во Штутгарт и театарот „Паулен“ во Цвикау. Дупре е уметник кој цврсто се етаблира на меѓународната музичка сцена и има остварено настапи со Лондонската филхармонија, како и со оркестрите во Минестота, Малме, Кристијансанд, Оукленд, со „Бетовен“ оркестарот во Бон и др. Во областа на камерната музика соработува со некои од највозбудливите имиња од неговата генерација како Симон Хофеле, Едгар Моро, Даниел Лозакович, Тимоти Ридаут, Киан Солтани и др. Исто така, е активен на диригентскиот пулт, и уметник кој често се јавува во улога на солист и диригент. Франк Дупре има соработувано како асистент со Сер Сајмон Ретл, Франсоа Гзавие Рот и Марио Вензаго.
Театар Нови Сад Ана Каренина
Во театарската претстава „Ана Каренина” или „Во љубовта нема повеќе и помалку“ од Лав Николаевич Толстој се зборува за една жена – всушност, не е важно дали е жена или маж – за човек кој сака да биде среќен. Преку нејзиниот лик отвораме многу врати и се занимаваме со тоа што всушност значи љубовта, колку човекот е подготвен да се жртвува, колку е подготвен да се надмине себеси, своите стравови, за да ја пронајде смислата на своето постоење. Во оваа смисла, Ана Каренина во нашата претстава е сложен систем; и таа, но и сите други ликови – Каренин, Вронски, Левин, Кити – имаат своја приказна, борба. Така, оваа претстава покажува дека црното никогаш не е целосно црно, белото никогаш не е целосно бело, дека всушност има многу нијанси внатре и дека тоа е всушност нашиот живот. “
Претставата е режисерска поставка на нашиот Дејан Пројковски.
Тој е роден во 1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто. Сарафов“ во Софија. Работи како вонреден професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Направи голем број значајни режии во С. Македонија и земјите од регионот. Извесен период беше директор на Македонскиот народен театар.
Пројковски е еден од водечките македонски театарски режисери и професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудио-визуелни уметности „Европа Прима“. Пројковски се потврди како режисер на големи дела на светските класици, создавајќи претстави со специфичен естетски и иновативен сценски јазик. Тој е присутен не само во својата татковина, туку и во Србија, Бугарија, Русија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и копродуцира претстави со германски, италијански и словенечки театри и фестивали.
Претставата трае 2 часа и 30 минути со пауза и не е наменета за публика лица помлади од 16 години.
Двете фестивалски содржини почнуваат од 21 часот, со тоа што концертот на Дупре е во црквата „Света Софија“ додека претставата „Ана Каренина“ ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.