Управниот одбор на Европскиот олимписки комитет (ЕОК) ја прифати кандидатурата на МОК, во 2025 година градот Скопје да биде домаќин на 18. издание на летниот Европски олимписки младински фестивал (ЕОМФ). Претседателот на МОК, Даниел Димевски и градоначалничката Данела Арсовска денес официјално ќе го преземат знамето на ЕОК како симбол за организација на следниот ЕОМФ на затворањето на годинешното издание во Марибор, Словенија каде што ќе биде потпишан и договор за соработка помеѓу ЕОК и МОК за организација на Европските младински игри, Скопје 2025.
Претходно (21 jули), делегација на ЕОК го посети МОК кој организираше посета на спортската инфраструктура како и на сместувачките капацитети, но и се реализираа средби со заменик Претседателот на Владата на Севрна Македонија, г. Фатмир Битиќи и градоначалникот на град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска. Сите, во еден глас ја поздравија оваа иницијатива на МОК и истакнаа дека овој најголем младински Европски мулти-спортски настан е извонредна можност да се докаже дека МОК и градот Скопје се подготвени да ја прифатат привилегијата и оваа неверојатна можност како и извонредната обврска да бидеме домаќини на најдобрите млади европски спортисти благодарение на довербата на Европските олимписки комитети. Од организациски аспект претстои многу работа, но имајќи предвид дека зад МОК стојат ЕОК, но и Владата на Северна Македонија како и градоначалникот на Град Скопје, може да се заклучи дека ќе имаме неверојатни игри во Скопје, во 2025 година.
Претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос им се заблагодари на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и на претседателот на Олимписки комитет на Северна Македонија, за нивната посветеност да се организира фестивалот.
На ЕОМФ Марибор 2023, се натпреваруваат повеќе од 2400 спортисти и околу 1000 официјални претставници, во 11 спортски дисциплини. Првото издание на фестивалот се одржало во Брисел во 1991 година каде што младинци на возраст од 14 до 18 години се натпреварувале на интернационалниот настан. Северна Македонија ќе биде една од 25. европски земји кои биле домаќини на зимски и летни игри и 16-та во која ќе се одржи летното издание.