„Алкалоид“ со рекордни консолидирани продажби од 136,7 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од 23 % и инвестиции од 15,2 милиони евра во периодот јануари – јуни 2023 г.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2023 година продажбите достигнуваат 6.293.741.761 денари, што е за 19 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.425.198.446 денари, што е за 18 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 8 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 %. Од вкупните консолидирани продажби 29 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 71 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првото полугодие од 2022 година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени за повеќе од 4-пати, како и во Чешка и во Турција, каде што се зголемени за двапати. Потоа следуваат оние во Ерменија (раст од 93 %), Романија (раст од 87 %), Монголија (раст од 45 %), во Велика Британија (раст од 28 %), Португалија (раст од 23 %), Бугарија (раст од 22 %), во Хрватска (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 11 %), Србија (раст од 10 %), во Босна и Херцеговина (раст од 8 %) итн. Повисокиот раст на продажбите во првото полугодие од 2023 година, во однос на планираните, делумно се должи на недостигот од антибиотици од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци АЛКАЛОИД успеа да ги покрие преку зголемен обем на производство и на продажби на антибиотици од сопственото портфолио.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 21 %, а козметика раст од 12 %.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2023 година изнесуваат 937.983.755 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.334.981.131 денари, бележи зголемување од околу 14 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 814.786.957 денари и е зголемена за 19 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.393.017.611 денари и бележи раст од 17 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 773.414.100 денари е зголемена за 19 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – јуни 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 106 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина на нето-износот од 36.500 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.733 вработени, од кои 2.065 се во земјава, а 668 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2023 година се движеше од 17.200,00 до 18.400,00 денари или просечно 17.855,25 денари за една акција. На 30.6.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.379 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше повеќе од 25,55 милијарди денари.
Бизнис-план за 2023 година
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2022 година.
Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од енергетската и од економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, она кое доминираше во 2022 година, а кое продолжува и во првата половина од 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали и на енергенсите, како и порастот на цените за транспорт на глобално ниво, а особено значителните пролонгирања на роковите за испорака.
Сето ова влијаеше и врз стапката на инфлација, која достигна високо ниво, но и врз намалената предвидливост за нејзините идни трендови. Во исто време, каматните стапки на регионалните и на европските пазари достигнаа рекордно високо ниво во последните неколку години, што дополнително ги оптоварува оперативните трошоци во работењето. Покрај сето тоа, изразената неизвесност на глобалните економски текови доведе и до варијабилност на повеќето национални валути, што значително го зголемува ризикот од негативни курсни разлики во работењето.
Како најголем предизвик и како прв приоритет за периодот што доаѓа и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели.
ПР Текст