Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор

Од:

Со нова награда продолжува успешниот пат на „Кајмак“, најновиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. За улогата на Доста во „Кајмак“ Сара Климоска е прогласена за најдобра актерка во главната натпреварувачка програма на Филмскиот фестивал во Сомбор, Србија.

Овој фестивал своето петто издание годинава го одржа под мотото „За оние кои доаѓаат“. Србија е една од земјите каде „Кајмак“ беше и на редовниот кино репертоар.

– Сара е глумец од светски калибар, талент што се раѓа еднаш во генерација, изјави Манчевски за Климоска.

Наскоро „Кајмак“ ја очекува и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија од 15 до 30 август. „Синеквест“ е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина.

Токму на „Синеквест“ пред три години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата Најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“.

Минатиот месец „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

„Кајмак“ е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Ја освои Специјалната награда на жирито на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија.

Минатата година „Кајмак“ беше најгледан филм во земјава.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски.

Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска.

Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Иан Прајор.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

„Банана филм“ на Манчевски поднесе кривични пријави против раководството на Агенцијата за филм