Тостот за кој се верува дека му бил сервиран за појадок на принцот Чарлс на денот на венчавката со принцезата Дајана во 1981 година, продаден е на аукција за 230 фунти (293 евра).
Неизеденото парче бел леб го зачувала Розмери Смит, чија ќерка била слугинка во Бакингамската палата речиси три децении.
– Се натпреваруваа двајца купувачи. Беше многу возбудливо, изјави претставник на аукциската куќа Чарлс Хенсон од Дерби, во централниот дел на Англија.
– Во тоа време мојата ќерка беше слугинка во кралската палата и една од нејзините должности беше да го собере послужавникот со појадокот на принцот Чарлс. Бев со неа во ходникот и видов дека принцот оставил дел од тостот. Помислив дека можам да го земам и зачувам како спомен, раскажува Розмери.
Осумдесет и три годишната старица истакна дека го чувала тостот во керамички сад во својата куќа.
Принцот Чарлс и Дајана Спенсер се венчаа на 29 јули 1981 година, а се разведоа 15 години подоцна.