Мојот личен став и мислам дека тоа е и ставот на Брисел е дека договорот што го постигнавте со Бугарија беше најдобриот договор што можеше да се склучи во тие услови, вели во интервју за МИА амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир.
-Морам да кажам дека ги следев дискусиите кои се одвиваа од октомври 2020 година до јули 2022 година кога се склучи договорот. Ги следев внимателно и тие беа навистина тешки дискусии со многу различни барања, некои од нив беа напуштени, но сепак тоа беше навистина тешка дискусија, рече Гир.
На прашање на МИА дали е остварливо подобра преговарачка рамка и гаранции од Унијата дека Софија нема да стави нови блокади на европскиот пат, Гир вели дека договорот значи компромис, а во компромисот никој не е целосно среќен.
-Договорот ѝ овозможи на државата да ги остави проблемите од минатото зад неа и да се придвижи напред, фокусирајќи се на нештата на коишто навистина треба да се фокусира, како што се различните реформи, кои претставуваат брза лента до Европската Унија. Колку побрзо ги спроведете реформите, толку побрзо ќе станете дел од Европската Унија, оценува Гир.
Во однос на блокади во иднина, тој вели дека не можете да гарантирате дека нема да има блокада во иднина.
-Но, наша задача е да се осигураме дека доколку има блокади во иднина, дека таа се јавува затоа што земјата не направила исчекор околу владеењето на правото, затоа што законодавството за животната средина не било спроведено, затоа што борбата со корупцијата не била доволна. Со други зборува, да не се фокусираме на билатералните прашања, туку на клучните реформи што се потребни за државата да може да стане дел од Европската Унија, тоа е нашата одговорност, кажа Гир за МИА.
Додава дека и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, кои беа во Скопје во четвртокот, го кажале истото, односно дека на почетокот од процесот на преговори можно е да има прилично изразени билатерални прашања, но со тек на време, вели, како што се движите на вашиот европски пат, тие остануваат зад вас и фокусот е таму каде што треба да биде – на реформите.
Прашан што ќе се случува доколку не се донесат уставните измени, Гир вели дека Унијата нема да исчезне, но, како што кажа, практичните последици од непридвижувањето на уставната промена би биле тоа што патот на земјава кон Европската Унија ќе биде одложен.
Гир вели и дека проширувањето ќе биде приоритет на ЕУ во следните три претседателства со Унијата, односно и во наредните 18 месеци.