Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора.
Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е под слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски денови, на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21:00 часот.
Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата Санта Марија, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот Стањевиќи.
Второто гостување ќе се случи на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21:30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград , Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.
„Народен непријател“ во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека е неопходна итна жртва, колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.