Јас направив се што е во моите ингеренции како директорка на Комунална хигиена, ситуацијата е непроменета, насилието продолжува, треба да постапуваат други инстиции, вака сите сме заложници и ова станува државен проблем. Ова е реакцијата на Косана Мазнева по синоќешните случувања во кругот на јавното претпријатие каде беше повикана и полиција.
– Група вработени, но голем дел и невработени во претпријатието ја држат во заложништо Комунална хигиена. Tие во кругот на прeтпријатието и прават блокада, да не се работи и да не се собира сметот. Дел од овие луѓе што се собрани воопшто не сe вработиени во Комунална. Има дел кои претходно биле ангажирани, но голем дел се луѓе кои никогаш не работеле вo Комунална хиегена, вели Мазнева за А1он.
Објаснува дека ноќеска побарала полициска интервенција за да може работата во Комунална да се врати во нормала.
– Полицијата ноќеска дојде, беа тука 15 до 20 минути, се обидоа да преговараат и си заминаа. Не разбирам која всушност им беше целта на доаѓањето. Поднесени се кривични пријави и во Обвинителство и се е пријавено во МВР. Јас како директорка направив се што е во моите ингеренции и се што е според закон, сега веќе треба да постапуваат други институции и не ми е јасно зошто не го прават тоа. Ситуацијата е стаус кво, остануваме заложници и ова веќе станува државен проблем, вели Мазнева.
Од МВР потврдуваат дека кај нив имало две пријави.
Во Полициска станица Гази Баба синоќа околу 23.00 часот е пријавено дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба дел од вработените пред капијата одржуваат протест. Полициски службеници излегле на лице место, при што било констатирано дека околу 50 лица протестираат, информираат од МВР.
Исто така, на 09.07.2023 околу 01.30 часот е пријавено дека дел од вработените ги попречуваат влезот во претпријатието и останатите вработени во извршувањето на работните обврски. Од МВР информираат дека е известен јавен обвинител.
Од петокот во Скопје не се собира ѓубрето. Дел од врбаботените протесираат во кругот на претпријатието со објаснување дека бараат повисоки плати, испалта на К-15 и бенфициран стаж.
Мазнева вчера на прес конференција рече дека се работи за група вработени на кои им биле скратени бенфициите со воведувањето сменско работење како и за дел поранешни вработени на кои не им биле продолжени договорите поради тоа што не доаѓале на работа, а земале плата.