Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска во Вила Водно ги прими членовите на Македонската машка кошаркарска репрезентација.
Претседателот Иванов им се заблагодарил на нашите кошаркари што овозможија Македонија да биде присутна на завршницата на Европското првенство во кошарка.
– Ни стана традиција да се гледаме и кога има големи успеси, но и кога нема. Сметам дека можноста да се навива за својата репрезентација на едно европско првенство е привилегија и тоа што бевте дел од европската кошаркарска елита го сметам за успех, подвлекол претседателот Иванов.
Тој додал дека се надева оти ова искуство што македонските кошаркари го имаат стекнато на овие првенства ќе придонесе за да се изгради стратегија со која ќе се постигнуваат уште поголеми успеси од оние од пред две години.
– Една од најважните работи е тоа што со вашите успеси станавте херои на Македонија и сега во секое место во нашата држава се зборува за спорт, се навива и се јакне чувството за припадност и националната гордост. Станавте синоним за победа и најголемата придобивка е што младите денес во Македонија играат кошарка, се посветуваат на спортот, тргнувајќи по вашите примери, им рекол Иванов на кошаркарите.
Вашиот успех, вашиот однос кон нашата држава, кон македонското знаме и химна инспирираше многу деца, од најмала возраст да почнат да се занимаваат со спорт, но и да ја сакаат својата држава, рекол претседателот Иванов.
Капитенот Перо Антиќ во името на сите играчи се заблагодарил за големата поддршка што секогаш ја добиваат од македонскиот претседател.
– Како капитен на нашата репрезентација сакам да кажам дека ни значи вашата поддршка што целото време ни ја давате, особено што таа доаѓа и после ваквите наши настапи, рекол Антиќ.
Претседателот Иванов изјавил дека секогаш кога се натпреварува Македонската репрезентација без разлика дали тоа е во спортот, науката, образованието или на кое било поле, треба сите граѓани на Република Македонија да бидат обединети во едно, оти, како што посочил, само така се сака Македонија.