Бурата Поли, која зафати делови од Европа и се претвори во ураган, ги зеде првите жртви во Холандија и Германија.
Во Гасиген, Германија, жена починала кога дрво паднало врз неа додека го шетала своето куче, но животното преживеало, пренесува БИЛД.
Невремето донесе удари на ветер од 120 километри на час во крајбрежните делови на Северното Море.
Претходно, една жена од Харлем, главниот град на провинцијата Северна Холандија, исто така беше убиена кога дрво падна врз неа за време на ретко летно невреме, објави новинската агенција Nu.nl, повикувајќи се на локалната полиција.
Силните ветрови денеска го прекинаа воздушниот и железничкиот сообраќај во Холандија, а околу 300 летови беа откажани на аеродромот Шипхол во Амстердам, еден од најпрометните во Европа.
Агенцијата АНП објави дека холандската железничка компанија НС целосно го прекинала железничкиот сообраќај на северот на Холандија.
Германската метеоролошка служба го именуваше невремето предизвикано од фронтот со низок атмосферски притисок Бура Поли, а Холандската метеоролошка служба (KNMI) издаде црвен метеоролошки аларм, со предупредување за силни налети на ветер од 100 до 120 километри на час.