Судската администрација на протест со барање за повисоки плати и исплата на додатоците

Од:

Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) и Независен синдикат на судска служба, кој функционира во негов состав, со протест пред Основниот кривичен суд во Скопје денеска изрази незадоволство поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.

Горан Ристевски, претседател на НСДА, изјави дека и по неколку средби со претседателот на Судскиот совет немало слух за нивното укажување за брзо и навремено да се регулира исплата на додатоци согласно Правилникот за додатоци на плата.

-Затоа го организиравме протестот и ќе следува и понатаму доколку не се уважат нашите барања – адекватно зголемување на платата спрема трошоците на живот. Имаше покачување на платите за 30 отсто за дел од Министерството за финансии. Незадоволството е големо, не само во судскиот систем, туку и пошироко, изјави Ристевски.

Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска служба, изјави дека бараат покачување на платите за судската служба од 30 отсто, исто како за вработените во Министерството за финансии, и да продолжи исплата на додаток на плата од минимум 25 проценти која, рече, е прекината кога на функционерите им се зголемени платите за 78 проценти.

-Од тој месец повеќе немаме додатоци. Од наши средства се двои за функционерите. Тоа е срамно за цела држава, изјави Величкова додавајќи дека протестираат поради индиферентност на Судски буџетски совет и Министерство за финансии.

Минатата недела имале средба со претседателот на Судскиот совет кој им ветил дека ќе има додатоци, но истиот ден, како што рече, изгласал додатоци за неговата служба – на Судскиот совет, и за Академијата за судии, а за нив само 5 проценти за кои се уште немаат одлука.

-Тоа е понижувачки бидејќи Судскиот буџетски совет се полни од наши средства, а не од вработените во Судскиот совет, така што нема логика 25 проценти за неговите вработени, а 5 проценти за вработените во сите судови во Македонија, истакна Величкова.

Додаде дека службениците во судовите работат не само прва туку и попладне во уште една смена за да ги прехранат семејствата, доставувачите немаат легитимации и торби, а одат во ризични места да доставуваат пресуди, упатни акти за затворски казни…

– Ваков Судски совет не знам дали треба да постои, а министерот за финансии треба да се праша како на неговите вработени им ги покачи платите, а за вработените во судската служба нема слух ни да нѐ прими, а камоли да ни ги покачи платите, додаде претседателката на Независен синдикат на судска служба.

Рената Георгиевска, потпретседателка на Здружението на судска администрација, праша дали функционерите што ги носат одлуките за нивните плати и додатоци знаат дека има доставувачи, записничари, уписничари, архивари кои работат за 18.500 денари.

-Нека пресметаат колкава е разликата од 18.500 до 180.000 денари што тие ги земаат месечно, рече Георгиевска.

Синдикатите на судската служба беа поддржани од управата на Основниот кривичен суд Скопје во нивните барања за остварување на правата.

Во соопштение до медиумите управата на Судот наведе дека судските службеници се „клучна алка во синџирот на судската власт и имаат движечка улога во остварување на правата на граѓаните пред судските постапки“.

-Заради тоа сметаме дека нивните барања се оправдани и неопходни за понатамошно функционирање и развивање на правосудниот сектор, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Би можело да ве интересира

Предложените измени на Законот за судска служба се неприфатливи за Независниот синдикат на судска администрација

Протест на судската и јавнообвинителска служба, бараат поддршка од пратениците за повисоки плати

Втор обид за договор меѓу Владата и судската и обвинителската администрација

Катерина Ѓуровски

Администрацијата од обвинителствата и од судовите на преговори во Владата

Судската администрација од утре нема да ги работи ниту итните предмети доколку Владата не седне на преговори

Независниот синдикат на судска администрација бара преговори со Владата за зголемување на платите