Косовскиот премиер Албин Курти смета дека мерките што ги усвои Европската унија против Косово поради непреземање мерки за деескалација на ситуацијата на северот на земјата, се неправедни.
„ Косово не може да прави компромиси со владеењето на правото или со уставноста, па затоа ќе продолжи да ја спроведува владината програма. Косово и неговата влада ја сочинуваат најдемократската, проевропската и најнапредната државна и извршна власт. Од друга страна, имаме постојана конфронтација со различни форми на агресија од Србија, која е автократска и проруска држава и која не се соочи со своето криминално минато на територијата на поранешна Југославија, каде што предизвика четири војни“ изјави Курти.
Тој изрази надеж дека мерките на ЕУ ќе бидат краткотрајни и оти ќе продолжи поддршката од Брисел за Приштина.
„ Косово е подготвено и заинтересирано многу повеќе од Србија за нормализација на односите, со де факто признавање на косовската независност.Ние сме за деескалација на ситуацијата, за да има мир и спокој на северот на Косово, а Косово и Србија како две земји да градат соседски односи од европски тип“ рече косовскиот премиер.
Мерките на ЕУ против Приштина предвидуваат привремено прекинување на работата на работните тела во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Косово исто така нема да биде покането на состаноци на високо ниво, а билатералните посети ќе бидат прекинати.
Од Брисел нагласија дека мерките се привремени и зависат од развојот на настаните.