Поранешниот претседател на Србија, министер за надворешни работи и потпретседател на Социјалистичката партија на Србија, Милан Милутиновиќ почина денеска на 81-годишна возраст, соопшти Ивица Дачиќ.
– Ги извршуваше најважните функции во најтешкиот период во историјата на Србија. Моето најдлабоко сочувство до неговото семејство и пријателите. Јавноста ќе биде информирана за датумот на комеморацијата и погребот – изјави лидерот на СПС и министер за надворешни работи на Србија.
Тој беше претседател на Србија од декември 1997 до декември 2002 година. По завршувањето на неговиот претседателски мандат, во декември 2002 година се предаде на Хашкиот трибунал, каде што беше обвинет за воени злосторства за време на конфликтот во Косово и Метохија. Во февруари 2009 година, тој беше ослободен и прогласен за невин по сите обвиненија.
„Кога ме ослободија од секаква вина, почувствував дека се преродив, но не за себе, туку за моето семејство. Јас лично не се возбудив затоа што не можеа ништо да ми сошијат иако се обидоа. Потоа кренаа раце“, изјави Милутиновиќ по ослободувањето.
Милутиновиќ е роден на 19 декември 1942 година, во Белград. Неговата сопруга Олга почина во 2017 година, а во брак беа 47 години. Зад себе го остави синот Вељко.