Во египетскиот град Александрија се урна тринаесеткатница во која имало претежно туристи.
Спасувачите се обидуваат да извлечат затрупани луѓе од урнатините, а колку лица се повредени и дали има жртви засега не е познато. Во висококатницата претежно имало станови кои се издавале на туристи во ова египетско одморалиште.
Во првите полициски извештаи се наведува дека причина за уривањето е „вертикална пукнатина“ во конструкцијата на зградата. Како што изјави за Спутник пратеникот од Александрија Ахмед Мухана, покрај становите, во приземјето на зградата имало и неколку продавници. Досега од урнатините е извлечено едно повредено лице, а спасувачите ја продолжуваат потрагата, според Мухана. Тој вели и дека во уривањето не биле оштетени и другите објекти во околината на урнатата катна зграда.
13-story building collapsed in Alexandria, Egypt
At least one person injured — local media pic.twitter.com/cdfsAqQcii
— RT (@RT_com) June 26, 2023
Градоначалникот на Александрија Мухамед ал Шариф изјави дека во зградата нема жители на Александрија, туку посетители.
Тој додаде дека објектот е стар, изграден е во седумдесетите и поради лошата состојба било и претходно предложено да се урне. Болницата во областа Монтазах добила наредба да се подготви да ги прими повредените, јавуваат египетските медиуми.
Александрија е, по Каиро, вториот по големина град во Северна Африка, каде што живеат повеќе од четири милиони луѓе.
Се наоѓа во делтата на Нил и излегува на Средоземното Море, а во тој град се наоѓа и најголемото египетско пристаниште преку кое се транспортира 80 отсто од извозот на земјата.