Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди главниот филипински остров, соопштија властите, што го запре железничкиот сообраќај во главниот град Манила.
Нема извештаи за жртви или поголема материјална штета по земјотресот, кој се случи во морето на длабочина од 10 километри и се почувствува во околните провинции, објави Филипинската сеизмолошка агенција.
Министерството за транспорт соопшти дека поради земјотресот е прекината работата на три железнички линии во Манила.
„Железниците и аеродромите ја прекинаа работата. Засега нема извештаи за големи последици од земјотресот и се надеваме дека така ќе остане“, изјави за телевизијата GMA портпаролот на цивилната одбрана и помошник државен секретар Бернардо Рафаелито Алехандро.