Поранешниот американски разузнавач Кристофер Мелон, кој е специјализиран за НЛО, објави напис во Политико во кој тврди дека има информации дека американската влада се вклучила во таканаречен проект за „обратно инженерство“ во кој се вклучени НЛО. Мелон ја повика владата да ги објави сите записи, пишува Newsweek.
Мелон тврди дека упатил четворица сведоци до Канцеларијата за решавање на аномалии, која истражува НЛО и други феномени во воздухот, морето, вселената и на копното. Овие сведоци, наводно, имаат информации за тајна владина програма која ги анализира и експлоатира материјалите извлечени од летала кои не се од Земјата.
Мелон, исто така, тврди дека бил контактиран од други извори за наводната тајна програма за „обратно инженерство“ и истакнува дека Американците имаат право да ја знаат вистината за тоа дали владата ги извршила наведените инженеринг НЛО проекти. Тој исто така објасни неколку научни предности од откривањето на какви било информации.
„Ако сме репродуцирале технологии што не се од Земјата, нашите најдобри и најпаметни умови треба да бидат ангажирани во нивната проценка. Претпоставувајќи дека погонската технологија на неидентификуваните аномални појави е различна од се што е познато на јавноста, успешна програма за обратно инженерство може да доведе до револуција во технологијата на енергијата, транспортот и материјалите. Можеби ќе успееме да ја забрзаме транзицијата кон чиста и евтина енергија, можеби дури и да развиеме суперспроводливи материјали и технологии за погон кои сега се тема на холивудските филмови“, вели поранешниот шпион.
Тој не е првиот човек што го поставил прашањето за „обратно инженерство“. Американскиот конгресмен Тим Бурчет, републиканец од Тенеси, изјави за Newsweek дека верува оти луѓето пронашле летало во одреден момент, а можеби и суштества. Во април, американската војска ги декласифицира досега видените видеа за НЛО за време на сослушувањето во Сенатот, а во последниве години НЛО повторно е во фокусот на јавноста.
НАСА неодамна одржа јавен состанок во Вашингтон, каде панел од експерти истакна дека треба да се соберат повеќе информации за да се објаснат овие феномени. НАСА го најави почетокот на истражувањето минатата година и во октомври назначи најмалку 16 експерти за оваа намена. Меѓу нив се истакнати научници и водачи на американската регулаторна агенција за цивилна авијација (FAA) и поранешниот астронаут Скот Кели.
Нивната задача не е да бројат неидентификувани аномални појави, како што официјално се нарекуваат, за да објаснат одредени настани забележани досега, туку да дадат препораки на НАСА како во иднина да и пристапи на темата.