Стручни екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Прилеп интензивно работат на реконструкцијата на покривната конструкција и на фасадата на еден од најрепрезентативните станбени објекти во Крушево, куќата на семејството Важаровски лоцирана на ул. „Коча Миленку“ бр.14.
Овој станбен објект, кој претставува типичен пример на традиционалната крушевска староградска архитектура од втората половина на 19 век, со конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста.
Со реализацијата на проектот, како што соопшти Министерството за култура, целосно ќе биде зачуван автентичниот изглед на фасадата на објектот, а ќе бидат реставрирани и живописните сликарски декорации на вториот кат од објектот на кои се претставени богато украсени зооморфни мотиви.
Во рамките на проектот, предвидена е замена на сите дрвени декоративни елементи на фасадата со што целосно ќе се вратат стариот изглед, убавината и сјајот на оваа куќа. Активностите за целосна реконструкција на овој објект е предвидено да завршат до крајот на октомври годинава.
Реконструкцијата на куќата е во рамките на проектот на Министерството за култура за обнова на објекти со автентична староградска архитектура.