Денеска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, присуствуваше на централниот настан-конференција „Енергија и енергетско искористување на отпад во урбани заедници“, што е дел од Манифестацијата „НЕДЕЛА НА ЕНЕРГЕТИКА-МАКЕДОНИЈА 2013“, што традиционално по девети пат се одржуваво Македонија.
– Една од стратешките определби на Град Скопје е креирање на енергетско ефикасен град и поттикнување на употребата на обновливите извори на енергија. За таа цел, во изминатиов период Градот презема најразлични активности и тоа пред се во својата организација формирајќи Одделение за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и активности за реализација на мерки во секторот згради, транспорт и осветлување. Град Скопје стана дел и од најразлични иницијативи како што се членството во Мрежата на енергетски градови – Енерџи Ситис (Energy Cities) и потпишувањето на Повелбата на градоначалници преку која активно се вклучи во борбата против глобалното затоплување и се обврза до крајот на 2020 година да ги намали емисиите на јаглероден диоксид за над 20% .
– Креирањето на Акцискиот план за одржлив енергетски развој, Годишната програма на Град Скопје за енергетска ефикасност, обновувањето на возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, отворање Центар за управување со сообраќајот и жичницата „Милениумски крст“, изградбата на енергетско ефикасна сообраќајна инфраструктура, реконструкција на средните училишта и културните установи, поддршка во реконструкција на приватни згради, замена на уличното осветлување, креирање и имплементирање политика за паркирање, промовирање на велосипедот како транспортно средство и промовирање и креирање услови за воведување трамвајски транспорт, се само дел од мерките кои Градот ги има реализирано за постигнување на споменатата цел, а тоа е енергетско ефикасен град, истакна градоначалникот Трајановски.
Годинава Градот, додаде градоначалникот Трајановски, ја почна и реализацијата на идејата отпадот да го претвориме во енергенс преку воспоставување Јавно-приватно партнерство со кое јавното претпријатие „Дрисла“ ќе прерасне во модерна депонија во која речиси една третина од отпадот ќе биде трансформиран во енергија.
Преку конструкција на постројки за: пакување на отпад со автоматска сепарација на метали со и без железо, интегрирана со линија за рачна сепарација на пластика; автоматска постројка за сортирање, селекција и третирање комунален и друг отпад; компостирање отпад од зеленило и производство на висококвалитетен компост; третирање инертен и градежен отпад и постројка за третман на индустриски отпад, депонијата ќе прерасне во еколошка индустрија во која отпадот ќе се трансформира во енергија, гориво, репроматеријал или секундарна суровина.
Со тоа драстично ќе се намали количеството отпад што трајно ќе биде одложуван на депонијата и ќе има поголема искористеност на повторно обновливите делови. Исто така, ќе се конструира и каптажа за биогас, а ќе се реализираат зафати за прифаќање и третирање на исцедокот. По изградбата на постројките над 70% од влезниот отпад ќе има можност да се рециклира. Со тоа ќе се обезбеди максимална флексибилност, ниска потрошувачка на енергија која ќе биде главно генерирана од постројката за биогас дополнета со фотоволтаична постројка за производство на енергија со соодветна големина.
На конференцијата се обратија на присутните и министерот за животна средина и просторно планирање на Р.Македонија, Абдилаќим Адеми, и оперативниот раководител на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија господин Мартин Клауке. И говорниците, како и присутните се согласија и истакнаа дека градскиот смет за РМ не е само отпад, туку и значајна енергетска суровина. Со спроведување на мерките за подобра животна средина Градот Скопје со своите стратешки документи (СЕАП) и програма придонесува за подобрување на животната средина.
Целта на конференцијата е да овозможи подобра видливост за енергетско – ефикасно искористувње на отпадот во урбаните заедници преку најдобри практики, односно презентирање на локалниот стратешки документ СЕАП на Град Скопје. Одржувањето на оваа конференција е со цел подобрување на надлежностите на општините во ЈИЕ за интегриран начин на креирање политики и стратешко планирање во областа на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и искористувањето на отпадот. Конференцијата поттикна размислувања во насока на промена на начините на потрошувачка и промени во побарувачката со иновативни решенија, алатки и стимуланси во однос на енергетското користење на отпадот. Настанот привлече голем број засегнати страни во однос на темата, експерти, претставници на министерства и локалната самоуправа, претставници од невладиниот сектор, финансиски институции, донатори и регулатори.
Посетата и интересот за настанот зборува за актуелноста на темата и предизвикот пред кој се наоѓа Република Македонија за да се справи со сметот во урбаните заедници и да земе пример како тоа го прават големите градови. Настанот е дел од активностите на меѓународниот проект „РЕ – СЕЕтиес“ финансиран од ЈИЕ програмата на ЕУ. Во рамки на проектот вчера, на 10-ти септември во хотел Арка се одржа настанот Рецензија (Peer Review). Настанот бешеработната средба меѓу партнерите и засегнатите страни во „РЕ – СЕЕтиес“ проектот на тема енергетска ефикасност во општините и енергетско ефикасните мерки и механизми кои ги преземаат урбаните заедници за ефикасно искуристување на ресурсите.