Мошне плодна средба, содржаен разговор во кој уште еднаш потенциравме дека двете министерства за одбрана и армии треба поинтензивно да продолжат со директните контакти и конкретна соработка и со тоа да придонесуваат кон приближување и на армиите и народите без оглед на политичките проблеми кои ги засегаат двете држави.
Вака министерот за одбрана Талат Џафери ја оцени неговата прва официјална и тет-а-тет средба со грчкиот колега Димитриос Аврамопулос што се одржа денеска пред примопредавањето на должноста командант на мултинационалната бригада на Југоисточна Европа СЕЕБРИГ што се одржа во Лариса, Грција.
– Како две министерства за одбрана не се најдовме во можноста и не видовме потреба да разговараме за политичкиот проблем. Заеднички цениме дека тоа е работа на двете влади коишто треба да ги приближат ставовите. Во тој контекст, заемно сметавме дека ние треба да се концентрираме околу надлежностите и активностите на министерствата и на армиите и со тоа да придонесеме кон приближување на ставовите, изјави Џафери одговарајќи на новинарско прашање дали на средбата со Аврамопулос разговарале и за прашањето за името и за членството во НАТО.
По примопредавањето на должноста Командант на СЕЕБРИГ, министерот Аврамопулос изјавата за медиумите ја даде на грчки јазик, одбегнувајќи ги со тоа прашањата од македонските новинари.
Инаку, досегашниот командант на ССЕБРИГ бригадниот генерал Здравко Поповски по две години командување функцијата му ја предаде на својот турски колега бригадниот генерал Хакан Есер.
Поповски изрази задоволство од постигнатите резултати на сите полиња потенцирајќи дека мотото на бригадата е „Еден тим, една мисија“. Тој посочи дека во 14 години од постоењето на СЕЕБРИГ во 2006 година бригадата ангажирана во шестмесечна мисија во Авганистан со персонал од 400 лица. Оттогаш, подвлече, не е постигнат политички консензус меѓу државите-членки таа да биде ангажирана и во други мировни мисии. Бригадата, истакна Поповски, е подготвена за сите мировни операции, освен за наметнување мир, но и за хуманитарни операции и за помош при катастрофи.
– Тука бев испочитуван, можеби и повеќе од самите грчки генерали, рече бригадниот генерал Поповски на прашањето од новинарите дали политичките односи меѓу Македонија и Грција влијаеле на односот од грчките колеги кон него во изминатите две години.
Република Македонија во СЕЕБРИГ учествува со една механизирана чета и еден инженериски вод. Локацијата на Командата е на четиригодишна ротациона основа, а позицијата командант на бригата се менува ротационо на секои две години. Суштината на СЕЕБРИГ во рамки на процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на ЈИЕ е јакнење на разбирањето и политичко-воената соработка во регионот, како и подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ.
Во бригадата за регионалната безбедност и негување на добрососедските односи членуваат Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Романија и Турција.