Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Собранието на Република Северна Македонија, на редовна седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање за исплата на бонус плата во МВР, рече:
„Во однос на исплаќањето бонус плата, сакам да ја информирам македонската јавност дека од моментот на носење на Закон за полиција во кој беше предвидена бонус плата, до 2016 година, ниту една година по исполнети услови не беше исплатена бонус платата. Секогаш во тој период беа побарувањата преку судови за да можат тие полициски службеници кои оствариле поголем број на работни часови, или вкупно во годината над 150 работни часови, да добијат надомест кој им следува по закон. Во тој период се исплатени 12.5 милиони евра на финансиски средства кои практично значат исплата на адвокатски трошоци и сите други трошоци”, истакна министерот Спасовски.
Но, откако министерот Спасовски раководи со МВР, исплатени се сите бонус плати.
„За 2016, 2017 и 2018 година беа исплатени сите три бонус плати одеднаш за да се стопираат, односно да се повлечат сите тужби, и од тој момент наваму 2019, 2020, 2021 редовно секоја година се исплаќаат бонус плати, заради тоа што тие средства ги предвидовме во Буџетот. Така да, сега ниту има тужби по овој основ, ниту извршувања, ниту наплати”, рече Спасовски, нагласувајќи дека и за 2022 година ќе биде исплатена бонус платата.
„За 2022 година се потпишани решенијата и на 5 или 6 јуни сега, зависно од трезорот, ќе бидат исплатени повторно сите бонус плати за сите полициски службеници. Откако сум јас министер до денеска, нема ниту една година неисплатена бонус плата, ниту се стварани дополнителни трошоци коишто ги имаме по однос на овој основ“, подвлече Спасовски.