Изложба на дела од 20. јубилејна интернационална Кичевска ликовна колонија денеска ќе биде отворена по повод Денот на ослободување на Кичево – 11 септември.
Изложбата се одржува во единствениот специјализиран објект за уметничко творење во земјава во Куќата на уметноста во село Кнежино -Кичево.
Оваа година уметниците изработија 80 дела во повеќе техники, како масло на платно, акрил на платно, комбинирана техника и повеќе скулптури во комбинација метал – дрво.
На колонијата учествуваа повеќе од 30 еминентни ликовни уметници, академици и професори од Македонија, Германија, Египет, Австралија, Малезија, Украина, Романија, Турција, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Србија, БиХ, Кипар….
Интернационалната Кичевска ликовна колонија има за цел да го стимулира, поттикнува, развива и унапредува ликовното творештво, да ги збогатува постојните ликовни фондови со нови современи уметнички творби.
Колонијата се одржува 20 години во континуитет и е најдобрата ликовна колонија на Балканот. Во рамките на оваа ликовна колонија досега се создадени над 1.000 уметнички дела, а во депото во Куќата на уметноста има над 700 дела од светски познати мајстори.
Интернационалната Кичевска ликовна колонија е културна манифестација која е репрезент на нашата држава, обележувајќи ја Македонија на светската уметничка мапа како земја која ја цени и вреднува уметноста.