Интервју на Живко Мукаетов, за српскиот магазин „Профит“: „Алкалоид“ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени

Од:

Генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов даде интервју за српскиот магазин „Профит“.

Во продолжение пренесуваме дел од интервјуто.

1. Фабриката „Алкалоид“ беше столб на новата индустрија уште кога започна да работи во далечната 1936 година. Како се смени „Алкалоид“ во овие 87 години работење?

Денес „Алкалоид“ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји.

Успехот на „Алкалоид“ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот „Алкалоид“ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години. Во својата долга историја „Алкалоид“ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон промените. Можеби клучни во контекст на успешниот развој се зборовите посветеност и напорна работа. Во моментов „Алкалоид“ е компанија од 2.700 семејства и секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да расте и да се развива. Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење.

2. Што научивте од пандемијата на КОВИД 19 која го зафати сиот свет и колку таа го забрза развојот на нови вештини, креативност и иновативност во компанијата?

КОВИД-пандемијата беше здравствена криза на која ѝ требаше човечки одговор. Од почетокот на кризата „Алкалоид“ беше првата компанија која ѝ донираше 200.000 евра на државата. До крајот на 2020 година таа сума достигна до 1,2 милиони евра донирани на здравствени установи, разни здруженија и поединци во Македонија и во регионот. Во време на криза од каков било вид учиме дека компаниите и поединците мора да покажат солидарност и високо ниво на емпатија. Оперативниот менаџмент беше подигнат на највисоко можно ниво во сите сегменти. Во секојдневните процеси превладуваат рационалноста и смиреноста, а изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со вработените, потрошувачите и со акционерите, како и одржливото приспособување кон промените и, пред сѐ, истрајноста беа главните карактеристики на секојдневното функционирање. Особено ми е драго што во специфичните услови на работење, особено во последните три години, успеавме да обезбедиме пласман на сите пазари каде што сме присутни и да останеме доверлив партнер на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по пристапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали.

3. Кои нови технологии ги користите во производството за да го подобрите квалитетот на производот? Колку инвестирате во модернизација на софтверот и колку е важен стручниот кадар кој раководи со процесите? Какви се плановите за идните инвестиции и за натамошниот развој? Во кои производствени капацитети компанијата најмногу инвестираше во последно време во согласност со идниот развој?

Една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар.

Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор.

До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми.

4. Србија седум и пол децении е дел од 87-годишната приказна на „Алкалоид“. Што претставува српскиот пазар за вашата компанија не само извозно, туку и стратешки?

Србија е дел од успешната приказна на „Алкалоид“ веќе осум децении, што доволно зборува за пријателството, разбирањето, блискоста на јазикот и за културата, како и за нашата заедничка традиција на овој пазар. Според српските фармацевти, лековите на „Алкалоид“ никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар (на лекови). За нас Србија е домашен пазар и првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата има сопствено производство и веледрогерија, кои вработуваат повеќе од 150 луѓе. Тоа, исто така, доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Производствената програма на „Алкалоид“ во Србија опфаќа над 300 производи од областа на фармацијата и на медицината, а, секако, би го споменал и нашиот бренд Becutan, со кој растеле и растат генерации во регионот.

5. На кои пазари ги извезувате вашите производи? Кои производи се најзастапени во извозот?

Во првиот квартал од 2023 година 72 % од нашиот пласман беше наменет за извоз, а земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари, при што генерации пораснаа и растат со нашите производи. За 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“ историјата на компанијата ја поставивме во Музејот на град Скопје. Во текот на подготовките добивме сапуни Becutan со прекрасна порака од човек од Босна, кој претпоставува дека нашите производи ги купил во осумдесеттите години од минатиот век. Имаше и писмо напишано на рака во кое пишуваше: „По сето ова време го задржаа својот квалитет. Ќе продолжиме да бидеме ваши верни купувачи“. Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето, нешто во што веруваат со години и чиј квалитет ја оправдува нивната доверба. Но, кога една приказна ќе успее во помали размери, тогаш е нормално да продолжи натаму. Освен во земјите од регионот, извезуваме и во Европската Унија, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари кои ги додадовме на списокот во последните неколку години. Глобализација на брендот „Алкалоид“ е патеката на која планираме да останеме фокусирани.

6. Какви деловни резултати остваривте во 2022 година? Дали и колку тие се разликуваат од очекуваното? Дали и колку кризата во која се најде целиот свет влијаеше врз вашето работење и врз вашите планови?

Минатата година беше особено тешка на економски план и исполнета со многу предизвици: здравствени, воени, логистички, енергетски и економски. И покрај сите тешкотии, успеавме да ја завршиме со вкупна консолидирана продажба од 239,1 милиони евра, бележејќи раст од 12 % и раст на консолидираната нето-добивка од 12 % во однос на 2021 година. Во однос на функционирањето во кризни услови, продажбата на „Алкалоид“ во 2007 година изнесуваше 69,29 милиони евра. Секоја наредна година беше обележана со различни кризни предзнаци, а успеавме да постигнеме четирикратно зголемување на пласманите. Се диференциравме преку квалитет, знаење и преку развој на производи со додадена вредност, преку специјализација во одредени портфолија на производи, како и преку стратешко позиционирање на компанијата надвор од рамките на земјите во развој.

 

ПР Текст

Би можело да ве интересира

Високите амбиции го враќаат шаховскиот клуб АЛКАЛОИД повторно во борба за европскиот клупски трон

„Алкалоид“ повторно дел од најреномираниот глобален фармацевтски собир CPhI

Втора посета во рамките на проектот „Малите алкалоидовци го истражуваат Алкалоид’“

Десетти хуманитарен пикник за вработените на „Алкалоид“: Околу два милиони денари за организацијата СОС Детско Село

Музеј на „Алкалоид“ АД Скопје – Kорпоративната историја и традиција на едно место

Шахистот Тони Лазов испиша историја освојувајќи сребрен медал на Олимпијадата во Будимпешта

Горан Наумовски