Група родители на ученици од ОУ „Владислав Рибникар“ ја поддржа иницијативата за прекин на наставата во постојната училишна зграда и завршување на учебната година на 3 мај, кога во ова училиште се случи масовно пукање во кое десет деца загинаа како и вработен во обезбедувањето на училиштето. За ситуацијата се огласи и актерот Никола Којо кој ги замоли родителите да не ги праќаат децата на настава.
– Понизно ги молам родителите на децата од „Рибникар“ да не ги праќаат децата на училиште – вели Којо во својот фејсбук пост.
Којо апелира до родителите да им дадат шанса на своите деца да оздрават, да пораснат и да закрепнат, како и немо да тагуваат за убиените пријатели и другари.
„Само далеку од тоа опседнато место ќе станат здрави луѓе, кои некако ќе се справат со таа трагедија. Училиштето ќе заврши, верувајте ми. Не дозволувајте неразмислените луѓе да ве претворат во Спартанци! Нежните, емотивни, сочувствителни луѓе ќе го спасат ова болно општество и оваа незрела цивилизација. А тоа се твоите деца“, им порача Којо на родителите чии деца го посетуваат ова училиште.
Повеќе од 150 родители на ученици од училиштето „Владислав Рибникар“ бараат учебната година да заврши заклучно со денот на масовното пукање, 3 мај, кога, како што велат, наставата беше прекината со насилство. Оттаму додаваат дека сметаат дека планот за продолжување на образованието кој се спроведува од 10 мај е штетен за развојот на голем број ученици и оти единствено решение е итен прекин на наставата и прекин на работата. Родителите наведуваат дека за ваквиот став добиле поддршка од еминентни стручњаци од областа на невропсихијатријата и психотерапијата.