Голем пожар ја уништи историската зграда на поштата во главниот град на Филипини, Манила. Повеќе од 80 противпожарни возила се испратени на местото на пожарот што избувна доцна во неделата, соопшти филипинското биро за противпожарна заштита.
Густ црн чад се издигна стотици метри во воздухот додека пламените јазици ја зафатија централната пошта во Манила. На пожарникарите им беа потребни повеќе од седум часа да го стават пожарот под контрола.
„Целата зграда изгоре, од подрумот до петтиот кат“, изјави Луис Карлос, генералниот директор на поштата на Филипините, за радиото DZBB.
Причината за пожарот се истражува, додаде тој. Генералниот директор на поштата и главен извршен директор на филипинската поштенска корпорација Луис Карлос рече дека пожарот брзо се проширил бидејќи историската зграда не била опремена со прскалки.
– Запалена е целата библиотека со поштенски марки“, вклучително и националната колекција на комеморативни и антички поштенски марки, рече Карлос.
Тој додаде дека целата структура е важна бидејќи е наследство, а најави и санација и реновирање на објектот.
Изградена во 1926 година, зградата на поштата некогаш се сметала за „највеличествено здание“ во Манила, според нејзината веб-страница. Беше уништена за време на Втората светска војна, кога американските сили го вратија главниот град од окупаторските јапонски сили, пред да биде повторно изградена во 1946 година.