Јавното обвинителство бара повисока казна, а одбраната повторување на постапката за случајот „ДоказМ“ во кој е обвинет сопственикот на истоимениот портал, Марјан Стаменковски.
Според обвинителството, изречената казна затвор од три години и еден месец е премала.
Видот, природата, карактерот и тежината на кривичните дела за кои обвинетиот е огласен виновен упатува на тоа да изречената единствена казна затвор во траење од три години и еден месец и изречената парична казна од 5 000 евра не претставува задоволување на правдата и од тие причини предлагам да биде уважена жалбата и спрема обвинетиот да се изречат повисоки кривични санкции, рече обвинителот Сашо Трајчев.
Според бранителите на обвинетиот, има повреди на постапката по сите жалбени основи.
Факт е дека овој предмет само брзо се заврши, со првостепена пресуда која што, според одбраната, треба да биде преиспитана, изјави адвокатката Марија Најдова.
Таа наведе неколку наводи, дел од пресудата, во кои, според неа, има суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција.
Најдова смета дека максимално изречената казна за вршење професија и дејност, на новинар кој 11 години опстојува на интернет порталите, како што рече „намерно или случајно целта е да се ограничи неговата слобода на говор во наредните десет години“.
Адвокатот Коста Нојков посочи дека смета дека спротивно на Законот за кривична постапка била исклучена јавноста и дека во никој случај како овластен тужител не можело да се појави Јавното обвинителство.
Оваа повреда се рефлектира и во тоа што истражителите кои се јавуваат во двојна улога, како оштетени, а исто така, доказниот материјал го обработуваат како дел од доказната постапка која беше изведена пред првостепениот суд, посочи тој.
Обвинетиот Марјан Стаменковски негираше голем дел од наводите од пресудата и посочи дека она што го правел е во интерес на јавноста.
Ако не сум добил ниту една кривична пријава за 65 000 објави на порталот, сега бараат да го згаснам, дали тоа не е рушење на демократија, правото јавноста да ги дознава сите информации, рече тој.
На Стаменковски сопственик на порталот „Доказ М“, Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена затворска казна во траење од три години и еден месец. Стаменковски се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.
Освен затворската на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5 000 евра заради злоупотреба на лични податоци како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените кои што тој ги регистрирал.
При претрес на домот на сега осудениот полицијата запленила документација, електронски уреди и 90.000 евра. За оваа сума пари Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.