(ВИДЕО) Притвор за три групи дилери од Арачиново – Едни набавувале дрога, други наоѓале зависници и добивале процент

Од:

30 дена притвор за 14 уапсени, еден доби куќен притвор – ова е епилогот по големата акција на полицијата за разбивање на организирана група дилери на дрога во скопските населби Сингелиќ и Арачиново.

Групата подолго време препродавала дрога и оружје, а беа уапсени во вчерашната голема акција на специјалците кои извршија претреси на 27 локации, приведени беа 15 лица, сузбиени три организирани криминални групи инволвирани во недозволена трговија со дрога и оружје.

Како што информираше МВР под истрага за неовластена трговија со дрога и оружје се 18 лица.

Уапсените – 15 лица, се на возраст од 20 до 54 години, сите од Скопје, додека по тројца (З.Н., Е.Ш. и Ш.С.) полицијата се уште трага.

Според информациите на полицијата групата робата ја набавувале од Албанија и Косово, а ја криеле во Сингелиќ и Арачиново.

При извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени кокаин и марихуана кои се предмет на вештачење, муниција, пиштол, патнички моторни возила, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони.

Двајца од осомничените се сопственик и управител на стрелиште и нелегално продавале муниција набавена за потребите на стрелиштето.

Судот го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување на мерка притвор за 14 лица, а на еден осомничен поради здравствена состојба му е определена мерка куќен притвор.

Мерка притвор во траење од 30 дена ја определи Кривичниот совет од Основниот кривичен суд Скопје. 12 лица се товарат за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, против М.Б.(32) за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, како и против И.А.(38), Д.А.(54), А.С.(27), О.Н.(39) и М.Б.(42) за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”.

Би можело да ве интересира

Хрватската полиција заплени 13 килограми кокаин на граница со Црна Гора

А1он

(ВИДЕО) МВР со засилени мерки против употребата на пиротехнички средства

А1он

Акција на МВР во Скопје: Уапсени се 12 лица за злосторничко здружување, незаконско поседување на дрога и оружје

ВИДЕО: Петардите не се играчка, оставаат последици и строго се забранети, предупредува МВР

(ВИДЕО) Заплена на дрога во Струшко, во возило пронајдени 62 пакувања марихуана

Горан Наумовски

Прекршочна постапка против градоначалникот на Струга за неупотреба на државното знаме