Од касата на епархиската црква Света Троица во Врање, украдени се поголема сума пари, поточно 5,25 милиони динари.
Од Основното јавно обвинителство во Врање за српски Курир потврдија дека во периодот од 12 до 15 мај 2023 година од сефот на Епархискиот дом е извршена кражбата.
Како што открива изворот на Курир, истражителите се сомневаат дека парите ги украл некој кој знаел каде се чуваат.
– Се сомневаме дека некој близок до црквата ги зел парите. Има луѓе кои често доаѓаат во црквата и кои помагаат како волонтери, кои помагаат и при броење пари. Некој кој знаел каде се парите, каде се клучот, некој што знае каде се камерите ја извршил кражбата… Некој решил да го направи овој нехуман чин – открил изворот на Курир.
Дел од парите биле наменети за поставување на греење во манастирот Прохор Пчињски.
По наредба на обвинителството, полицијата презема оперативни дејствија за откривање на сторителот на кривичното дело тешка кражба.