Ривалот на Таип Ердоган на претседателските избори во Турција, Кемал Киличдароглу денеска им се обрати на младите и ги повика да гласаат за него во вториот круг од изборите на 28 мај, за долгорочното владеење на неговиот ривал да не влезе во третата деценија. Во првиот круг, актуелниот претседател освои 49,5 отсто од гласовите, а Киличдароглу, кандидатот на шестпартиската опозициска алијанса освои 45 отсто од гласовите.
На трето место е изненадувањето на изборите, националистичкиот кандидат Синан Оган со 5,2 отсто, а потоа Мухарем Инџе кој се повлече од трката, но предоцна, и сепак доби 0,43 отсто од гласовите. Бидејќи ниту еден кандидат не освои над 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите, прв пат во турската историја, ќе се одржи на 28 мај. Во меѓувреме, 74-годишниот Киличдароглу се обидува да ја прошири својата гласачка база за да добие клучна поддршка во вториот круг.
„Пораката повикува на промени. Оние кои сакаат да видат промени во оваа земја се повеќе од оние што не сакаат“, напиша Киличдароглу во серијата твитови упатени до „драгите млади луѓе“.
Киличдароглу им се обрати на младите и се осврна на нивните финансиски проблеми, особено во контекст на кризата со трошоците за живот која дополнително се продлабочи со инсистирањето на Ердоган да ги намали каматните стапки, што предизвика пад на лирата и пораст на инфлацијата.
„Немаш доволно пари за ништо. Радоста на животот ти е одземена, додека младоста треба да се ослободи од грижи. Младоста нема да можеш да ја вратиш. Имаме 12 дена да излеземе тој темен тунел“, додаде Киличдароглу.