Македонскиот дипломатски синдикат го поздрави потегот на претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи за предвремено отповикување на амбасадорот Тодоровски од Прага.
„Иако сметаме дека отповикувањето е задоцнето и донесено со големи калкулации имајќи го во предвид неговото политичко и непрофесионално делување како претседател на синдикална организација, како и фактот дека именуваниот и претходно е предвремено отповикан за слични нерегуларности. Сепак е добро што најпосле свеста за нужноста од „прочистувањето“ на македонската дипломатија, почнува да резултира со конкретна акција. Акцијата требаше да биде изведена многу потранспарентно и обзнанета изворно и навремено, а не изнудено со повеќемесечно задоцнување, дури откако е направен изборот на кандидат за нов амбасадор, при веќе постоечки амбасадор во Прага кој е само на половина од својот мандат.
Имајќи ги во предвид причините за отповикувањето, ќе констатираме дека непочитувањето на Виенската дипломатска конвенција претставува сериозен проблем за секоја дипломатска служба и дека со такви ситуации министерството треба да е справува брзо и ефикасно, без никакви калкулации“, соопштија од синдикатот.
Дипломатите го охрабруваат министерот Османи со иста енергија и со ист аршин да продолжи да се справува со секаква недисциплина, неодговорност, малверзации, неспособност и недостатокот на исполнителност и на други наши амбасадори, за кои има сознанија за вакви и посериозни прекршувања.
„Министерот Османи и неговиот претходник Димитров немаа желба да соработуваат со Македонскиот дипломатски синдикат, уште помалку да ги слушнат наши сугестии во однос на лошата кадровска политика во највисокиот ешалон на дипломатијата. Поради тоа, порачуваме дека како Синдикат ќе вложиме голем напор со следниот министер за надворешни работи да воспоставиме силна двонасочна соработка, која ќе биде заснована пред се на професионални стандарди и нема да имаме толеранција за неквалитет, индолентност или неспособност на нашите најважни дипломатски претставници во светот, амбасадори“, додаваат оттаму.