Министерството за внатрешни работи на Република Србија ја информира јавноста дека видеото кое се појави на социјалните мрежи на кое наводно се гледа моментот на пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, во кое загинаа осум ученици и еден работник од обезбедувањето, и шест ученици и наставник се повредени, е лажен.
Полицијата преку соопштение наведува дека интензивно се работи на откривање и пронаоѓање на лицето кое ја објавило оваа лажна снимка која дополнително ги вознемирила граѓаните.
Министерството уште еднаш апелира до сите граѓани да го зачуваат здравиот разум и стабилноста во светло на сите немили настани, особено кога станува збор за децата кои следат информации од различни извори и медиуми.
„Неопходно е нивните профили на социјалните мрежи да бидат под родителска контрола, но подеднакво е важно возрасните да покажат највисоко ниво на одговорност и да не објавуваат или споделуваат непроверени и несоодветни содржини на социјалните мрежи“, велат од полицијата.