Епилогот од крвавиот масакр што го изврши 14-годишен ученик во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград е девет убиени, осум деца и еден обезбедувач.
Меѓу седумте убиени девојки е и Е.К.(14), ќерка на Драган Кобиљски, познат тренер по одбојка, кој моментално работи во Романија.
Неговата сопруга Нина напиша трогателна порака на Фејсбук.
„Ви благодарам многу на сите, бескрајно го цениме секој збор на утеха и поддршка, како треперлива светлина во најдлабоката темнина. Се молиме за сите наши ангели и нивниот небесен чувар Драган. Се молиме за повредените пријатели и учителката.
Колку и да занемеме од болка за нашите изгубени деца, толку сме среќни за сите што успеале да се спасат. Господ нека нè заштити од гнев и горчина, да ни даде сила и љубов, за да можеме некако да ја преживееме оваа болка“.