Министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери денеска во рамки на работната посета на Република Словенија, имаше одвоени средби со словенечкиот претседател Борут Пахор, со началникот на Генералштабот на Словенечката армија, бригадирот Добран Божич и со претседателот на парламентарната Комисија за одбрана Франц Јурша.
Министерството за одбрана соопшти дека на средбите Џафери се заблагодарил за значајната поддршка на Република Словенија за целосно интегрирање на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија. Станало збор и за билатералната и мултилатералната соработка, како основа за развој и просперитет на целиот регион.
Република Македонија и Република Словенија, освен на полето на воената едукација и користењето на регионалните центри, соработуваат и во рамките на регионалните иницијативи, односно иницијативата СЕДМ и учеството во воената компонента СЕЕБРИГ, иницијативата Клирингхаус во Југоисточна Европа, РАКВИАК – Центарот за безбедносна соработка, како и Процесот на соработка на Југоисточна Европа.
Соработката меѓу двете земји се однесува и на САД-Јадранската повелба, односно групата А5, каде Република Словенија е земја-набљудувач и голем поддржувач на сите активности кои се произлезени од оваа иницијатива, се наведува во соопштението од МО.