Најмалку девет лица, меѓу кои и двегодишно дете, загинаа, а 21 се ранети откако руски проектили погодија станбени згради во источниот украински град Славјанск, соопштија службите за итни случаи во регионот на Доњецк.
Регионалниот гувернер Павло Кириленко претходно изјави за националната телевизија дека биле истрелани седум руски ракети С-300 и дека има „не помалку од седум погодени точки“ во градот, западно од Бахмут.
Спасувачките тимови кои трагаат по жртви преку ноќ пребаруваа низ урнатините користејќи кранови, скали и друга тешка опрема.
Славјанск се наоѓа во делот на регионот Доњецк кој е под контрола на Украина. Според Киев, тој бил погоден со седум проектили кои погодиле пет згради, пет домови, училиште и административна зграда.
Вадим Љах, шеф на воената управа на Славјанск, потврди дека девет лица загинале, а 21 е ранет.
– Пет лица се уште се под урнатините и нивниот идентитет е утврден, рече тој.
Новинарите на АФП видоа како спасувачите копаат по преживеани на последниот кат од типичен станбен блок од советската ера, со црн чад што извира од запалените куќи од другата страна на улицата.