Директорката на Универзитетската клиника за детски болести проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ, преку писмено соопштение се огласи во врска со „зачестените јавувања во медиумите и социјалните мрежи на пациентот со цистична фиброза И.П. и изјавите дека е во критична состојба“.
– Поради зачестените јавувања во медиумите и социјалните мрежи на пациентот со цистична фиброза И.П. и изјавите дека е во критична состојба, како одговорен доктор за неговото здравје додека е хоспитализиран на Универзитетската клиника за детски болести, сакам да изјавам следното: И.П. е во стабилна состојба, со умерено засегната белодробна функција (FEV1=70% од предвидениот) и е предвиден за испишување од клиниката утре (15.04.2023). Со спроведување на препишаните терапии и редовна физикална терапија, може да се одржува стабилен, вели проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ.
„Модулаторната терапија (Kaftrio во комбинација со Kalydeco) ќе започне да ја прима кога ќе биде достапна и за пациентите со умерена белодробна болест. Во првата фаза започнавме со терапија кај пациентите со потешка белодробна болест (FEV1 околу 40% од предвидениот)“, додава таа.