Премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави вчерашната владина Одлука со која се ревидираа дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот.
Тој информира дека се направени проверки кај 20 големи увозници, а наводите, рече, ќе бидат наскоро соопштени.
-По консултациите со увозниците и со претставници на Стопанската комора што ги одржавме минатата недела, како и според податоците од Царинската управа, констатиравме зголемување на увозните цени до 30 отсто, особено кај доматите, краставиците и гравот. Контролите ќе продолжат, а државата ќе носи мерки кои ќе обезбедат непречено снабдување на граѓаните по соодветни цени и кои нема да го нарушат пазарот, истакна Ковачевски по денешната посета на компанијата „Левидиагро Дооел“ во Кочани.
Премиерот уште еднаш порача дека за време на кризата, сите мора да бидат солидарни.
-Реагираме согласно потребата на пазарот. Земјоделците ја имаат нашата поддршка, тука се сите институции, се нудат мерки и програми за поголемо производство и конкурентност, потенцира Ковачевски кој во Кочани е придружуван од директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски.