Пуштена во употреба новата зграда на Уставниот суд и Државниот архив

Од:

Ова е голем ден за големи настани, ден кога се прославува 22 години од независноста на Република Македонија и ден кога треба да се потсетиме на сите оние кои се бореле за самостојноста на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски денеска на свеченото отворање и пуштање во употреба на новата зграда на Уставниот суд на Република Македонија и Државниот архив на Република Македонија.

Особено сум горд, рече премиерот, што денеска присуствуваме на пуштањето во употреба на овие две институции.

– Пред нас е еден капитален проект третиран во историски стил и раскошна архитектура. Вистински институции во репрезентативен објект, рече Груевски.

Повеќе државни институции, како што посочи, долг временски период се соочуваат со недостиг на простор за сместување кој ќе им обезбеди услови за нормално работење. Таков беше случајот и со Уставниот суд и Државниот архив на Република Македонија.

– Покрај недостатокот на простор, карактеристично за овие две институции беше и плаќањето висока кирија, која се плаќаше од буџетот. Несоодветните услови и опременост на институциите беа главната причина во 2009 година да се започне со изградба на нов објект. Крајната цел што сакавме да ја постигнеме беше задоволување на инфраструктурните услови на уставните судии, судската и државната администрација и секако долгорочна заштеда во буџетот заради плаќањето на кириите за просториите кои се под наем, нагласи Груевски.

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија Бранко Наумовски рече дека особено го радува фактот што овој чин се случува токму на Денот на независноста на Република Македонија и токму во годината во која Уставниот суд ќе одбележи еден значаен јубилеј – 50 години од своето основање и почетокот со работа.

– Во своето долгогодишно постоење Судот успеа без поголеми тешкотии да ги совлада проблемите и потребите на транзицијата. Врз основа на стекнатите искуства не му беше тешко во континуитет да продолжи да ја извршува својата основна улога на заштита на уставноста и законитоста во услови во кои Македонија се конституира и изградува како суверена и самостојна држава, рече Наумовски.

Овие свои функции, како што додаде, цели пет децении Судот ги остваруваше во многу скромни простории и технички услови кои од далеку не одговараа на улогата и значењето на оваа институција.

Директорот на Државниот архив на Република Македонија Зоран Тодоровски во своето обраќање рече дека оваа нова зграда овозможува современ начин на чување на архивските документи.

На отворањето присуствуваше претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министрите за здравство, образование и наука и за култура, Никола Тодоров, Спиро Ристовски и Елизабета Канчевска Милевска, голем број пратеници, началникот на ГШ на АРМ Горан Котевски и многубројни граѓани.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба

Горан Наумовски

Во првите сто дена од новата влада Мицкоски најави проект во енергетиката, две инвестиции и проширување на други две

А1он

Џафери: Дали ќе одам во опозиција зависи од исходот на преговорите за нова Влада

A1on

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

A1on

Ковачевски му ја предаде функцијата на Џафери: Повика сите министри да работат во интерес на граѓаните

A1on

Ирскиот премиер Варадкар во посета на Македонија

А1он