Прославениот јапонски композитор и продуцент Рјуичи Сакамото почина на 71 година, две години откако повторно му беше дијагностициран рак на дебелото црево.
Неговото семејство денеска објави дека починал во вторникот, на 28 март.
Сакамото беше почитуван за неговите експериментирања со електронската музика, а меѓу многубројните награди што ги доби се и Оскар, Греми и БАФТА.
Голем е неговиот придонес и во светот на филмот. Глумеше покрај Дејвид Боуви во „Среќен Божиќ, господине Лоренс“ и напиша музика за повеќе од 100 филмови и серии. За „Последниот кинески цар“ освои Оскар и Златен глобус во 1988, како и Греми следната година.
Сакамото во 2014 паузираше од работа околу една година за да се лекува од рак на грлото. Во јануари 2021 објави на својата веб-страница дека му бил дијагностициран рак на дебелото црево.
Во декември 2022, Сакамото одржа концерт за неговите обожаватели, емитуван на Интернет.