Вељаноски: Политичките разлики да се подредат на државниот интерес

Од:

Референдумот на 8. септември 1991 година е нашата најголема современа победа. Врската, која сите не прави еднакви во различноста, и која од нас бара сплотеност и заедништво е државниот интерес.

Потребно е политичките разлики и судири да се подредат на важните државни прашања за напредок на земјата, оти тоа од нас го очекуваат граѓаните, порача вечерва во обраќањето на свечениот прием по повод 8. Септември – Денот на независноста претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.

– Сите сме сложни дека референдумот на 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа. Во изминативе 22 години победите ги вреднувавме преку тоа дали спроведовме  успешни реформи и дали воведовме демоктратски стандарди. Победите ги вреднувавме преку подигнатиот животен стандард, преку новите генерации квалитетно образовани млади луѓе и преку економскиот напредок во целина. На прашањето дали успевме во тоа и кој колку придонел или одмогнал за тоа, се даваат различни одговори. И ќе се даваат. Тоа е природно во едно плуралистичко и демократско општество кое го градиме. После некое време, кога ќе има доволна временска дистанца, ќе се разјасни и оваа прашање. Така и треба, други генерации треба да кажат за нас, рече Вељаноски.

Тој додаде, дека додека траат сите овие дневни разлики на мислења и политички конфликти, супстанцата која е поврзувачка за сите е државниот интерес, интересот на нацијата, тоа е, вели, Македонија и идните генерации.

– За да успееме во одбраната и надградбата на државните интереси, мораме безусловно да го почитуваме основот на секоја победа – а тоа е единството! Тоа е заедништвото! За да биде одржливо и делотворно заедништвото, мора да има меѓусебна доверба! Нашето единство е наша победа! Меѓусебната доверба е наша победа, рече претседателот на Собранието.

Тој посочи дека како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадени се услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот идентитет и дека денес, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Република Македонија ја чувствуваме како своја татковина.

– И покрај сите пречки и блокади Република Македонија и понатаму активно продолжува да биде фактор на стабилност и конструктивност во регионот. И поради нас самите, и поради евроинтеграциите овде во законодавниот дом и во целина продолжуваме да ги правиме потребните реформи и усогласувања. Затоа е потребно политичките разлики и судири да се подредат на важните државни прашања. Тоа од нас го очекуваат граѓаните. Тие од нас очекуваат сплотеност и соработка. Нема, поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани, подвлече Вељаноски.

Тој во оваа прилика изрази благодарност до граѓаните на Република Македонија кои во турбулентното време на распаѓање на некогашната СФРЈ на 8. септември 1991 година излегоа на референдум и со огромно мнозинство се определија за самостојна и независна држава, втемелена на двата Илиндена.

Потсети и им одаде почит и на пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија, првата Влада на Република Македонија, како и до првиот претседател на Република Македонија, и на сите оние кои се вложија со својот живот и дело за Македонија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште